Европската комисија денеска ја потпиша ревизијата на билатералните договори со Албанија и Северна Македонија за спроведување на Заедничкиот антитерористички акционен план за Западен Балкан.
Обновениот договор има за цел зајакнување на соработката во областа на борбата против тероризмот, спречувањето и спротивставувањето на насилниот екстремизам, соопшти Комисијата. Договорите ги потпишаа комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, албанскиот министер за внатрешни работи Бледар Чучи и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски.
„Овој договор ни овозможува тесна соработка. Она што е ново во овие ревидирани договори е заштита на критичната инфраструктура и зголемена подготвеност во случај на терористички напади. Комисијата тоа финансиски ќе го поддржи на почетокот на следната година“, изјави Јохансон.
Овој зголемен безбедносен ангажман е една од шесте водечки иницијативи наведени во стратегијата на Комисијата за Западен Балкан и е одговор на повикот од Софиската декларација од мај 2018 година за зголемена соработка во борбата против тероризмот и екстремизмот. Претходните договори со двете земји беа потпишани во октомври 2019 година.