Европската унија привремено се враќа на јаглен

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Европската унија привремено ќе се врати на јаглен за да се справи со намалениот прилив на руски гас, изјави Елина Бардрам, вршител на должноста директор за меѓународни прашања и климатски финансии во Европската комисија, пренесува Ројтерс.

Според неа, Европа привремено ќе се сврти кон фосилните горива како алтернатива на рускиот гас со оглед на, како што вели, најновите активности на владата на рускиот претседател Владимир Путин, но овој потег нема да ги наруши долгорочните европски цели поврзани со климатските промени.

Европските лидери ја „заокружија Русија“ со црвен молив бидејќи протокот на гас кон Европа преку гасоводот „Северен тек 1“ беше намален на само 40 отсто од капацитетот, што ја продлабочи енергетската криза по руската инвазија на Украина, што доведе до строги санкции против Москва.

„Нелегалната инвазија на Русија на Украина доведе до вонредна состојба во Европската унија. Поради грубите потези на администрацијата на Путин, во смисла дека „Газпром“ нагло го прекина протокот на гас, подготвуваме некои многу важни мерки, но сите тие се привремени“, рече Бардрам на Африканскиот енергетски форум во Брисел, мислејќи на употребата на јаглен.

Членките на Унијата подготвија низа мерки за издржување на кризата во снабдувањето со енергија и за справување со проблемот со недостигот на енергија во текот на зимата и зголемената инфлација.

Укажувајќи на сериозноста на проблемот, германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер претходно изјави дека постои опасност од сериозна економска криза и ја подвлече потребата од алтернативни снабдувања поради надминување на енергетските дефицити во следните три или повеќе години.

Слични содржини