Иако миењето и лупењето на овошјето и зеленчукот може да ја намали количината на површински остатоци од пестициди, експертите предупредуваат дека тоа не е секогаш доволно.
Нов извештај открива дека многу вообичаени прехранбени производи во нашите кујни се контаминирани со забранети пестициди. Траги од опасни хемикалии се пронајдени во сушени билки и зачини како што се босилек, магдонос и ким, но исто така и во сушен грав, чили и мед. Високите нивоа на овие супстанции можат да предизвикаат лошо варење, додека долготрајната изложеност е поврзана со сериозни здравствени ризици, вклучително и рак, пишува „Дејли Меил“.
Во извештајот на Европската агенција за безбедност на храната се анализирани податоци од дури 132.793 примероци од различни прехранбени производи увезени во Европа вклучувајќи овошје, зеленчук, зачини и преработена храна. Утврдено е дека околу 2% од тестираните примероци ги надминуваат законските ограничувања за пестициди, што одговара на приближно 3.000 производи.
Дури 42% од примероците содржеле траги од пестициди, но во рамките на дозволените граници и затоа биле оценети како безбедни за консумирање. Европската Унија применува строги правила за максималните нивоа на остатоци од пестициди, најчесто дозволената количина е само 0,1 микрограм на килограм производ.