Европскиот фронт поднесе интерпелација за претседателот на Уставен, бараат Костадиновски да каже „зошто е против албанскиот јазик“

од Nikola Popovski
110 прегледи

Пратеникот од коалицијата Европски фронт, Илир Хасани, објави дека веќе поднеле интерпелација до претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во Собранието. Хасани истакна дека интерпелацијата не претставува притисок врз Уставниот суд, туку има за цел да покрене дебата за начинот на кој функционира оваа институција.

„Многу е важно да ни покаже што има тој против албанскиот јазик и зошто го има сиот тој товар и сите тие предрасуди кон албанскиот јазик. За време на периодот на владеење на ДУИ, беа направени максимални намери за вистинска употреба на албанскиот јазик во сите институции, како што е предвидено со закон. Направено е колку што е можно повеќе. Очекуваме овој тренд да продолжи колку што можеме, а не да продолжиме со трендот на предрасуди кон албанскиот јазик, непочитување на Уставот и непочитување на Законот за употреба на јазикот, со целосна свест и на флагрантен начин да се кршат законите од страна на лице за кое се вели дека е најмудро во оваа област во нашата земја“, изјави Хасани.

Пратеникот се повикува на медиумски објави како кога на новинарско прашање зошто во натписот зад говорницата на Уставниот суд е само на македонски јазик, Костадиновски одговорил дека тоа се случува само поради носење на лоши закони и навел дека законот за употреба на јазиците не го вклучува Уставниот суд.

-Оваа изјава е навредлива и изразува предрасуда за Закон што е донесен од Собранието и се спроведува и исто така ги прекршува одредбите од член 101 од Законот за Уставниот суд со кој се забранува јавно изразување став за случаи што се предмет на разгледување во Судот, смета Хасани.

Пратеникот вели исто така дека Костадиновски во барањето до Венециската комисија употребил термин „малцинство“.