Европскиот парламент усвои резолуција со која се обвинува Русија за смртта на Навални

од Nikola Popovski
302 прегледи

Европскиот парламент денеска усвои резолуција во која ги обвини руската држава и нејзиниот претседател Владимир Путин за смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални и бара виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата.

Во резолуцијата, која не е правно обврзувачка, европските пратеници најостро го осудија, како што тврдат, „убиството на Алексеј Навални“ и повикаа на независна и транспарентна меѓународна истрага.

Тврдат дека „целосна кривична и политичка одговорност“ за смртта на Навални „сноси руската држава, а особено нејзиниот претседател Владимир Путин“, кој, како што наведоа, „треба да одговара“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.

Тие искажаа поддршка на сопругата на рускиот опозициски политичар Јулија Навални во нејзината решителност да продолжи со неговата работа и ја повикаа ЕУ и нејзините земји-членки да продолжат да покажуваат солидарност и активна поддршка на „независното руско граѓанско општество и демократската опозиција .

Европратениците апелираа до земјите-членки да ги интензивираат напорите за изнаоѓање изводливи начини за ослободување, како што тврдат, „оние кои трпат затвор и репресија, особено болните или политичките затвореници кои биле мачени“, вклучително и преку опцијата за можна размена на затвореници.

Тие ја повикаа ЕУ, нејзините земји-членки и „партнерите со истомисленици ширум светот“ да продолжат со политичката, економската, финансиската и военана поддршка на Украина и оценија дека „одлучувачката победа на Украина“ може да доведе до вистински промени во Русија, „особено деимперијализација, деколониализација и рефедерализација“.

Тие побараа од Европската комисија, а особено од Европската служба за надворешни работи, да развијат „проактивна, долгорочна стратешка политика кон Русија која ефективно ќе одговори на реалноста на односите меѓу ЕУ и Русија денес, состојбата со човековите права во Русија и потребата за поддршка на руското граѓанско општество и претставниците на опозицијата во егзил“.

За резолуцијата гласаа 506 европски пратеници, девет беа против, а 32 беа воздржани.

Слични содржини