Најновите податоци покажуваат дека пазарот на канабис во Европската унија, иако сè уште далеку помал од американскиот, бележи динамичен раст и привлекува стотици милиони евра инвестиции, додека дел од регионот останува во т.н. „црвена зона“.
Во април 2024 година, Германија ја легализираше рекреативната употреба на марихуана, со што стана најголемата европска економија што направи ваков чекор. Денес, 28 земји во рамки на Европската унија имаат некаква форма на легализација – било за медицинска употреба, било за возрасни лица.
Според анализата на „Prohibition Partners“, продажбата на канабис во ЕУ во 2025 година достигнала 1,7 милијарди долари. Се очекува до крајот на 2026 година таа да порасне на 2,4 милијарди долари, а до 2029 година годишниот обем на пазарот да достигне 3,8 милијарди долари, раст од над 124 проценти во однос на претходниот период.
Германија како двигател на пазарот
Како најголема економија во Унијата, Германија е и најголемиот европски пазар на легален канабис. Во 2025 година, продажбата достигнала околу 944 милиони долари, речиси двојно повеќе во споредба со крајот на 2024 година, кога изнесувала околу 500 милиони долари. Паралелно, и Обединетото Кралство, иако надвор од ЕУ по Брегзит, развива стабилен медицински пазар со годишна продажба од околу 322 милиони долари.
Европа поатрактивна од САД за инвеститорите
Иако пазарот на канабис во САД вреди околу 32 милијарди долари, европската регулаторна рамка станува сè поатрактивна за инвеститорите. За разлика од САД, каде што федералните закони и натаму создаваат правна несигурност, во Европа особено во земји како Германија, Шпанија и Португалија е овозможено легално одгледување и извоз на канабис, што создава стабилна основа за долгорочни вложувања.
Вил Мјук, коосновач на лондонската инвестициска фирма „Artemis Growth Partners“, која управува со речиси 400 милиони долари капитал, оценува дека Европа во моментов нуди подобри можности од САД. Според него, околу 75 проценти од новиот фонд од 200 милиони долари ќе бидат инвестирани токму во Европа.
Тој нагласува дека и покрај извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп од декември 2025 година, со која се бара прекласификација на марихуаната, суштинските ограничувања за пристап до берзите и институционалните инвестиции во САД остануваат.
Регионoт заостанува
Додека Западна и Централна Европа ја развиваат индустријата како нов економски сектор, поголем дел од Балканот остануваат меѓу земјите каде што канабисот и за медицинска и за рекреативна употреба сè уште е целосно нелегален. Ова, според економските аналитичари, значи пропуштена можност за привлекување инвестиции, отворање нови работни места и развој на извозно ориентирана индустрија.
Во ваков контекст, европскиот „зелен бран“ на легализација не е само социјално или здравствено прашање, туку сè појасно се профилира како значаен економски тренд, од кој корист ќе имаат земјите што навреме ќе се позиционираат на растечкиот пазар.