Европскиот регулатор за енергетика предупреди дека Европската унија сепак мора да увезува течен природен гас (ТПГ) од Русија за да избегне енергетски шок, и покрај напорите на некои членки на ЕУ да забранат купување на гориво од Москва.
„Ацер“, енергетскиот регулатор на ЕУ, во петокот објави дека намалувањето на увозот на руски ТПГ треба да биде постепено. Предупредувањето доаѓа додека ЕУ се обидува да ја балансира енергетската безбедност со цел да го намали финансирањето на Русија поради кратењата во купувањето гас, пишува Фајненшл тајмс.
Иако ЕУ успеа да ги замени испораките на руски гас преку гасоводот со увоз на ТПГ од почетокот на војната во Украина во 2022 година, глобалниот пазар на гас останува затегнат. Русија сега е втор најголем снабдувач на ТПГ во ЕУ, зад САД, со 16 отсто од вкупниот увоз минатата година.
Некои членки на ЕУ, како што се Шведска, Финска и балтичките земји, бараат итна забрана за увоз на руски ТПГ, што би барало едногласност на членките на ЕУ. Регулаторот, исто така, изрази загриженост дека некои членки ги користат новите овластувања „за привремено ограничување на испораките на гас, вклучително и за ТПГ од Русија и Белорусија“, велејќи дека тоа може да влијае на долгорочните договори за снабдување склучени со Москва пред војната во Украина.
ЕУ ги повика европските компании да избегнуваат купување на руски ТПГ, бидејќи европските магацини се на рекордно ниво, а цените се намалени на предвоените нивоа.
Регулаторот истакна дека прекинот на испораката на гас преку гасоводи од Русија преку Украина до ЕУ оваа година ќе го намали снабдувањето со гас на блокот за 13,6 милијарди кубни метри, што е околу четири отсто од вкупната потрошувачка од минатата година.