Европскиот сојуз за промени бара неотповикливи оставки на министерите Артан Груби, Бујар Османи и Кренар Лога, како и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ после објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјава во преговорите со ЕУ. Според здружената албанска опозиција, ова треба да се случи како акт на политичка одговорност и како добар знак за нашите алеати дека нивните забелешки се сфатени сериозно од нашата држава.
-Бараме и да се распушти Собранието и да имаме итни парламентарни и претседателски избори заедно. Секој ден поминат на власт со оваа криминализирана влада е загуба за граѓаните. Исто така потребно е целосно редефинирање на правосудните органи. Стоиме на целосно располагање сите наши правни експерти за изнаоѓање најсоодветни модалитети за коренити реформи кои конечно ќе обезбедат владеење на правото, стои во барањата на БЕСА, Алтернатива и Демократското движење.
Доколку овие барања не се земаат предвид, од Европскиот сојуз велат ќе ја преиспитаат нивната поддршка за уставните измени во овој мандат на Собранието.
-Не се исклучува ниту целосното замрзнување на оваа поддршка додека се тие на власт. Ако владата зака да го игнорира Извештајот и одговорноста да ја префрли во опозицијата, тогаш од неа не може да очекуваме да организира фер и слободни избори. Во меѓувреме прекршувањето на изборниот процес дополнително ќе ја оддалечи нашата земја од ЕУ. Денес е време за конкретно постапување а не за празни изјави. Ако овие изјави на Европскиот сојуз за промена се занемаруваат, го задржуваме правото да преземеме уште порадикални демократски чекори. Никој не е поголем од стратешките определби на државата, стои во соопштението на трите партии.