Европско лицемерие од прв степен

од Vladimir Zorba

Балканот од секогаш бил регион кој претставувал крстосница на големите империи, односно секогаш бил во сферата на интерес на спротиставените големи сили. Така било низ историјата, така е денеска во модерниот дваесет и први век, кога се испреплетени интересите на најмоќните земји на денешницата. Имено, државите на Балканскиот полуостров настанаа при распадот на Австро-Унгарската и Отоманската империја низ целиот деветнаесетти и дваесетти век, кога се создаваа нациите-држави. Затоа и самиот регион, односно балканските народи и држави низ вековите и страдале. На толку мал простор, многу народи војувале помеѓу себе, да ја зголемат својата национална и државна територија, односно да го прошират својот државен животен простор.

Така искрснаа двете балкански војни, од кои најголемиот данок во крв и национална трагедија го платија Македонците, така се водеа и двете светски војни на овој дел од Европа, но и така се распадна поранешната заедничка држава Југославија во крв до колена, од која најдебелиот крај го извлекоа жителите на сојузната Босна и Херцеговина. Едноставно, ние и историски и национално сме испреплетени помеѓу себе, во регион во кој нетрпеливоста е на максимум. Примордијалната, примитивната, балканска политичка (не)култура, национализмот кој се ширел како гангренозна рана долж балканските граници, речиси без исклучок, го втурна овој регион на постојани воени судири, конфликти, немири или дестабилизирачки дејствија кои иднината секогаш ја прават непредвидлива.

Лаги, лаги и само лаги од ЕУ иднината

Со ветеното членство во ЕУ на т.н Западен Балкан, беше предвидена институционална рамка, токму од самата Европска Унија, уште на самитот во Солун во далечната веќе 2003-та година, заради „европеизација“ на регионот, односно превенирање на честите судири и немири кои се случуваа во самиот „двор на Европа“. Освен пацификацијата на регионот, со предвиденото полноправно членство на западнобалканските земји во ЕУ, се предвидува(ше), и поттикнување на економскиот раст и развој, подобрување на инфраструктурната поврзаност, но и средување на демократските процеси, медиумските слободи и права, професионализација на јавната администрација, се разбира и ефикасност, ефективност, но и департизираност на судско-обвинителскиот систем, како една од најневралгичните системски карики во македонскиот институционален ред и поредок.

Што добивме од сето тоа, односно од толку ветуваната европска розова иднина?! Освен последниот прием на Хрватска во 2013-тата година, европроширувањето не само што беше ставено на бавен колосек, туку се чини дека веќе неповратно сме изместени од европските пруги за Брисел. Докрајчување на евроентузијазмот беше последното вето од Бугарија врз почетокот на преговорите на Македонија, а со тоа како колатерална штета и Албанија, но и бавното напредување на Србија и Црна Гора, кои ги имаат започнато преговорите, но и после децениско преговарање, тие не се ни на половина пат до формализирање и заокружување на истите и нивни конечен прием како полноправни земји членки на Унијата. Таа неспремност, непринципиелност, би си дозволил да речам лицемерие и дрскост на челниците на Европската Унија кон земјите од т.н Западен Балкан, но најмногу кон „македонскиот случај“, Балканот го втурнува во немирни политички води.

Застојот кон ЕУ, не води кон постојани внатрешни кризи

Актуелната политичка криза, и пат позиција во македонското собрание, (ин)директно е предизвикана од еврофрустрациите кои постојат кај македонските граѓани, но и кај македонските политички елити, особено кај владејачката, на чело со се уште актуелниот премиер Зоран Заев, кој го смени уставното име за севкупна употреба, само и само заради ветената блескава европска Унија. На почетокот на текстот, потенцирав дека Балканот е регион во кој секогаш се вкрстувале интересите на империите низ вековите, а денес на најмоќните империи. Во превод сакав да кажам дека денеска Полуостровот е арена на „завојуваните“ интереси и сфери на влијание на САД и ЕУ од една (западнобезбедносна) страна, и Русија, Кина, Турција, но и Унгарија како продолжена рака на Русија во НАТО и ЕУ, од друга (авторитарно-источна) страна.

Кога „слоновите водат љубов-тревата најмногу страда“ , или во нашиот случај кога најголемите (политички, економски, безбедносни, разузнавачки) интереси на САД/ЕУ и Русија/Кина ќе се судрат токму на наше тло, од нашата „зелена“ трева останува само пустина. Географијата го одредила нашето минато, но и за жал иднина. Која е се, само не извесна и блескава. За сите нас, без исклучок на овој турбулентен по политички односи, но преубав по природа југоисточен ќош на стариот европски континент.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини