Европската јавна обвинителка Лаура Ковеши одлучи да почне акција во Бугарија и конечно да стави крај на неуспехот на Брисел да го реши проблемот со кражбата на европските фондови, пишува „Политико“.
Во четвртокот Европското јавно обвинителство извршило претреси во 28 домови и канцеларии во рамки на истрагата за злоупотреба на парите на Европската Унија за железнички проекти, а уапсен е и градоначалникот на Генерал Тошево, град на североистокот на земјата.
Акцијата се најавуваше веќе неколку години, а водечки политичари од бугарскиот реформистички табор тврдат дека извлекувањето средства од ЕУ станало еден од главните извори на приходи на организираните криминални групи.
Центарот за проучување на демократијата, невладина организација од Софија, заклучи дека во 2020 година се оттуѓени дури 15 отсто од парите од европските фондови.
Европското обвинителство во моментов спроведува 143 истраги во Бугарија со проценета вкупна штета од 492 милиони евра, според извештајот за минатата година.
Како најсиромашна држава во ЕУ, Бугарија редовно бара поддршка од европските даночни обврзници за да изгради инфраструктура и да ги направи старите згради од социјалистичкиот период енергетски поефикасни.
Обвинителството, кое е задолжено за кривично гонење на дела против финансиските интереси на ЕУ, соопшти дека во моментов истражува два проекта за градење железничка инфраструктура, вредни повеќе од 241 милион евра од фондовите на ЕУ, и грант за подобрување на енергетската ефикасност на станбените објекти во Генерал Тошево вреден 169.000 евра.
Повеќе од 100 припадници на бугарската полиција извршиле рации во рамки на истрагата за изградбата на железничката пруга меѓу градовите Костенец и Септември, за што Европската агенција за клима, инфраструктура и животна средина обезбедила 130 милиони евра. Се истражува и можна злоупотреба на средствата за изградба на пруга меѓу селата Оризово и Михајлово, која ја финансира Кохезискиот фонд со над 111 милиони евра.