Евроскептицизам во ЕУ: Повеќето Полјаци не го сакаат еврото

Скептицизмот за влез во Еврозоната не зависи ниту од политичката припадност, бидејќи скептични се и гласачите на националистичката опозиција и поние на про-ЕУ партиите во актуелната владина коалиција предводена од Доналд Туск.

од Бети Божиноска
188 прегледи

Речиси 70 отсто од Полјаците не сакаат нивната земја да ѝ се приклучи на Еврозоната, а гласачите на конзервативниот ПиС се најскептични, покажуваат неодамнешните анкети.

Анкетата спроведена од United Surveys за Wirtualna Polska покажува дека 66,8% од Полјаците повеќе би сакале да ја задржат злотата наместо да го прифатат еврото, а речиси половина се „дефинитивно против“ пристапување во Еврозоната.

Само 27,3 отсто од Полјаците го поддржуваат воведувањето на европската валута.

Пристапувањето во Еврозоната продолжува да ужива релативно ниска поддршка меѓу Полјаците и 20 години по пристапувањето на земјата во ЕУ, при што граѓаните се особено загрижени поради зголемувањето на цените на основните стоки и зависноста на фискалната политика од одлуките донесени во Брисел, се вели во истражувањето.

Скептицизмот за влез во Еврозоната не зависи ниту од политичката припадност, бидејќи скептични се и гласачите на националистичката опозиција и поние на про-ЕУ партиите во актуелната владина коалиција предводена од Доналд Туск.

Половина од гласачите на владејачките сојузи – Граѓанската коалиција (КО, ЕПП/С&Д), Третиот пат (Обновување/ЕПП) и Новата левица (С&Д) – се против усвојувањето на валутата на ЕУ додека само 37 отсто ја поддржуваат таквата одлука.

Гласачите на конзервативните опозициски партии Право и правда (ПиС, ЕЦР) и главно анти-ЕУ настроената Конфедерација имаат многу понегативна перцепција за еврото, при што само 4 отсто сакаат Полска да се приклучи на Еврозоната, а 95 отсто се против.

Спротивно на стравувањата на јавноста, многу економисти веруваат дека влезот во Еврозоната ќе ѝ донесе на Полска значителни економски и политички придобивки.

„Како членка на еврозоната, Полска би можела поефикасно да се бори за да го обликува својот систем на економско управување на начин што ќе реагира повеќе на безбедносните прашања“, напишаа Агњешка Смоленска од Полската академија на науките и Павел Токарски од Stiftung Wissenschaft und Politik во извештајот објавен од полскиот тинк-тенк Институт за реформи.

Додека чешкиот претседател Петр Павел неодамна го нарече усвојувањето на единствената европска валута „логично“ за Прага, полскиот премиер Доналд Туск не најави какви било напори за нејзино воведување и покрај „дипфејк“ објавата на „ТикТок“, која се стекна со популарност во јануари, и која сугерираше поинаку.

Засега, Полска не може да се приклучи на Еврозоната бидејќи не ги исполнува критериумите за конвергенција, вклучувајќи ги и стабилноста на цените, здравите јавни финансии, стабилноста на девизниот курс и долгорочните каматни стапки.

Само седум земји од ЕУ ги задржаа своите национални валути: Бугарија, Чешка, Данска, Унгарија, Полска, Романија и Шведска.

Но, трендот е јасен, истакна Агњешка Циансиара од Полската академија на науките на конференција организирана од приватниот Институт за реформи во септември минатата година.

„Бугарија очигледно тргнува на овој курс, а Шведска се враќа на дебатата за приклучување кон еврозоната,“ посочи таа.

 

 

Слични содржини