Годинашната сезона на Светското првенство во Формула 1 ќе започне на патеката „Ред Бул Ринг“ во Спилберг, Австрија, каде ќе се одржат две натпреварувања за австриското Гран-при, а се закажани за 5 и 12 јули, одлучи австриската влада денеска.

Одлуката ја објави австриското Министерство за здравство, а обете трки, според сегашната состојба, ќе се одржат без присуство на гледачи на трибините, јави австриската новинска агенција АПА.

Сепак, постои можност дека ќе има гледачи, но во многу ограничен број. Австриската влада ќе донесе одлука за ова, по епидемиолошките мерки. Организаторите добија зелено светло да ги одржат трките бидејќи презентираа сеопфатен и професионален нацрт на мерки против ширењето на „Ковид-19“ на владата.

Првите десет трки според оригиналниот календар на годинашната натпреварувачка сезона во Формула 1 требаше да бидат одложени или откажани, како резултат на пандемија предизвикана од ширењето на новиот коронавирус.

Според изменетиот распоред, кој сè уште не е официјално потврден, бидејќи организаторите треба да добијат зеленото светло од локалните власти, по две трки во Австрија, две натпреварувања во втората половина на јули треба да се одржат во Велика Британија на патеката „Силверстоун“ и потоа 2. август возачите ќе се борат за бодови на Гран при на Унгарија на Хунгароринг.

Слични содржини