ФА ги истражува наводите околу судијата Дејвид Кут, кој е обвинет дека се договарал со навивач преку СМС порака да покаже жолт картон на натпревар од Чемпионшип дивизијата.
Кут има повеќе од 100 натпревари во Премиер лигата и Чемпионшип во својата судиска кариера, а последен пат судеше во највисокото ниво на англискиот фудбал на 9 септември оваа година, а сега е суспендиран од Здружението на професионални судии (PGMOL) поради истрага на ФА. УЕФА му изрече и суспензија до крајот на судската постапка.
Сомнителната ситуација датира од 2019 година, пишува „Сан“, наведувајќи дека 42-годишниот Кут разменил пораки со навивач кој разговарал за прашањето за жолт картон на натпреварот Лидс против Вест Бромвич Албион во 2019 година. Тие наводно си разменувале пораки пред и по натпреварот, а се однесуваат на жолтиот картон кој Кут го покажа дефанзивецот на Лидс, македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски. Гореспоменатиот медиум додаде дека „нема индикации дека Кут имал некаква финансиска добивка“ и дека картонот бил правилно доделен. Би-би-си пишува дека таквата информација не им е потврдена, а од ФА им порачале дека внимателно ќе го истражат случајот.
„Ова се многу сериозни наводи и ние ги истражуваме итно. Треба да ги утврдиме фактите“, соопшти врховното англиско фудбалско тело.
„Одборот на PGMOL се обврзува да преземе соодветни мерки доколку се докаже какво било прекршување на кодот. Дејвид Кут останува суспендиран и е предмет на тековни дисциплински постапки од страна на ПГМОЛ, одвоени од истрагата на ФА“, истакнаа од Здружението на професионални судии.
Кут, од друга страна, тврди дека е „чист“.
-Остро ги отфрлам овие лажни и клеветнички обвинувања. Какви и да имав проблеми во мојот личен живот, тие никогаш не влијаеја на моите одлуки на теренот. Секогаш сум го почитувал интегритетот на играта, судејќи ги натпреварите непристрасно и најдобро што можам, порача тој.
Инаку, Кут првично не беше суспендиран поради овој случај, туку затоа што пред две недели во јавноста протекоа снимки на кои тој го омаловажува поранешниот тренер Јирген Клоп. Неколку дена подоцна, „Сан“ објави фотографии за кои тврди дека се направени за време на Европското првенство ова лето, велејќи дека на нив се гледа како Кут „шмрка бел прав низ свиткана американска банкнота“.