Facebook сака да пушти бесплатен интернет во САД. Компанијата веќе започна преговори со американската влада во потрага по поддршка, пишува. “Вашингтон пост”, пренесува Макфакс.
Компанијата сака да ја предложи својата услуга “Free Basics”, која обезбедува пристап до ограничена верзија на глобалната мрежа. Во неа не се зема предвид сообраќајот, но се достапни само некои сајтови, при тоа во ограничена верзија без многу слики или мултимедија. Free Basics е предвидена за оддалечените и сиромашните региони, каде повеќето луѓе немаат можност да го користат нормалниот интернет.

Бидејќи услугата сепак не дава рамноправен пристап до целиот интернет, таа често предизвикува контроверзии и критики кон Facebook. Социјалната мрежа е обвинувана дека го Сегментира интернет и дава некоректна предност на едни услуги за сметка на други. Претходно оваа година Индија дури ја забрани услугата на своја територија.
Токму затоа Facebook прво преговара со владата на САД, за да провери дали ќе ја има потребната поддршка. Компанијата не сака повторно да привлекува внимание поради проблеми со регулаторите. Пред онлајн изданието CNET портпаролот на Facebook не потврдува, но и не ги негира информациите. Тој вели дека во моментов нема што да објави за темата, но додава дека мисијата на Facebook е да го поврзе целиот свет и постојано разгледува различни опции како да го направи тоа, вклучувајќи и во САД.
Според весникот, компанијата планира да понуди Free Basics преку помали оператори и интернет провајдери во оддалечените области на САД. Facebook се надева дека ќе ја добие нивната поддршка, како и онаа на владата. Една од причините е тоа што веќе се дозволува на секој сајт или онлајн сервис да си направи верзија за Free Basics наместо само одбраните од Facebook да ја имаат оваа можност. За сега нема информации дали компанијата сретнала интерес од страна на давателите и институциите во земјата.