Фајнанс тинк: Доспеаните неплатени обврски на јавниот сектор изнесуваат 690,8 милиони евра

Најголем дел од неплатените обврски се концентрирани кај јавните претпријатија во сопственост на државата (53%), по што следуваат локалните јавни претпријатија (16%), јавните здравствени установи (10%) и единиците на локалната самоуправа (9%)

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин

Заклучно со јуни 2025 година, вкупните доспеани неплатени обврски на јавните институции достигнаа 690,8 милиони евра, или 4.2% од БДП, стои во анализата на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, насловена како „Доспеани обврски: Слаба алка во фискалната дисциплина?“.

Оттаму додаваат дека во периодот од 2019 до првата половина на 2025 година, доспеаните неплатени обврски се зголемиле за два и пол пати. Од друга страна, бројот на институции кои не ги пријавуваат своите обврски е намален: Од вкупно 1,397 субјекти обврзани за известување, во 2019 година околу 25% не доставиле податоци за доспеаните и недоспеаните обврски, додека во 2025 година тој процент е намален на 8.6%.

Најголем дел од неплатените обврски се концентрирани кај јавните претпријатија во сопственост на државата (53%), по што следуваат локалните јавни претпријатија (16%), јавните здравствени установи (10%) и единиците на локалната самоуправа (9%). Најзастапени се обврските за стоки и услуги (53%), како и отплатата на главнина (21%), при што јавниот сектор е најголем комитент.

Според проекциите на Finance Think, доколку сегашниот тренд продолжи, јавниот долг со вкалкулирани доспеани неизмирени обврски достигнува 62.7% од БДП, што ја нагласува потребата од структурни мерки за зајакнување на финансиската дисциплина и подобрување на управувањето на јавните претпријатија. Во најлошо сценарио во кое акумулирањето доспеани неизмирени обврски би се интензивирало, јавниот долг би достигнал и 66% од БДП во 2030 година.

Доспеаните неизмирени обврски претставуваат сериозен товар за локалните буџети и ја поткопуваат фискалната стабилност на општините. Заклучно со јуни 2025 година, доспеаните обврски на единиците на локалната самоуправа изнесуваат 64,7 милиони евра. Најголемиот товар се забележува кај поголемите и средните општини, при што кај дел од нив доспеаните неплатени обврски значително ги надминуваат сопствените даночни приходи и реализираните капитални расходи. Растот на доспеаните обврски укажува на потенцијален „морален хазард“, бидејќи централната влада често интервенира за нивно сервисирање, што ја поткопува долгорочната фискална дисциплина и создава очекување дека идните обврски ќе бидат покриени од други нивоа на власт.

Меѓу препораките во анализата се посочува вклучување на доспеаните обврски во јавниот долг и буџетскиот дефицит преку примена на Европскиот систем на сметки (ESA 2010), со што ќе се обезбеди поголема транспарентност и усогласеност со европските стандарди. Понатаму, неопходно е усогласување со Меѓународните сметководствени стандарди за јавен сектор (IPSAS), за да се прикаже точна и целосна слика за финансиската состојба на јавните институции. Неопходно е да се воспостават јасни критериуми за одговорност и системи за мерење на перформансите кај јавните претпријатија, со што ќе се поттикне поефикасно управување и ќе се ограничи акумулирањето нови обврски. Aнализата препорачува воведување построги санкции за раководните лица кои создаваат обврски надвор од одобрените буџетски проекции, со цел спречување неодговорно однесување и зајакнување на фискалната дисциплина.

Слични содржини