Фајненс тинк: Причините за покачување на цените се од времен карактер

од Берта Китинска
1,2K прегледи

По алармантните најави за натамошен раст на цените и нагорна корекција на инфлацијата првите оптимистички смирувања доаѓаат од дел од економистите. Причините за покачувањата се од времен карактер, вели за Локално мк. Благица Петрески од Институтот Фајненс тинк.

Предизвик во моментов се притисоците кај цените, првенствено цените на производите кои граѓаните ги забележуваат кај малопродажните производи по маркетите и зелените пазари, како и цените на енергенсите, но и притисоци врз цените кои се јавуваат во синџирите на додадена вредност, заради отежнато снабдување со делови кои главно се произведуваат во далечните азиски земји. Во моментов, нашата проценка е дека најголем дел од ценовните притисоци се од времен карактер, односно одразуваат неврамнотеженост на понудата и побарувачката и сеуште отежната синџири на снабдување, и тие ќе се намалат и исчезнат до првата половина од 2022 година.

Според неа, поголем е притисокот кај цените на енергенсите, и тоа првенствено кај електричната енергија, што како што посочува Петреска е предизвикано од амбицијата за позабрзана транзиција кон Зелената агенда на Европскиот континент, во корелација со намалување на производството на струја од ОИЕ поради временските услови.

Бидејќи Македонија сеуште каска во зелената транзиција и најголем дел од нашето производство е од фосилни суровини, решението за да се менаџира притисокот врз цената на струјата дома го гледам само во поголемо производство во постојните капацитети, првенствено РЕК Битола, вели Петрески.

Петерски е децидна дека овие притисоци врз цените не се генерирани од вишок побарувачка во економијата иако таа е на патот на заздравувањето. Оттука, вели таа, неосновани се повиците за реакција од централната банка; всушност, прерано затегнување на монетарната политика само ќе му наштети на заздравувањето.

Последните мерења на статистиката покажаа дека минатиот месец, трошоците на живот се зголемиле за 3,7% а цените на мало бележат зголемување од 5,6%.Народна банка од друга страна излезе со проекција дека стапката на инфлација до крајот на годинава ќе биде повисока од првично проектираните 2,2 проценти.

K.В.С.

Слични содржини