Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денеска изјави дека на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија во Толедо, ќе стане збор за проширувањето кон Западен Балкан во 2030 година, што го најави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој рече дека земјите од регионот имаат одлична можност да бидат подготвени за влез во ЕУ.
„Ќе ги повикам министрите да вложат напори и да разговараат за проширувањето во тој регион, ќе ги повикам да направат нешто повеќе за да го завршат проширувањето кон Западен Балкан“, изјави Фајон за новинарите пред средбата во Толедо.
Мишел претходно оваа недела за време на Бледскиот стратешки форум рече дека неговата оценка дека Европската унија и Западен Балкан треба да бидат подготвени за проширување до 2030 година е реална, но амбициозна цел.