„Фајзер“: Нашата вакцина е 100% ефикасна за адолесцентите

од Stefanija Kuzmanovska
424 прегледи

Резултатите од клиничките испитувања на вакцината „Фајзер“ покажаа дека нејзината ефикасност е 100 проценти кај млади луѓе на возраст од 12 до 15 години.

„Фајзер“ планира брзо да достави податоци за клиничко испитување до Управата за храна и лекови на САД за итна употреба на вакцината, со две дози.

Во третата фаза од студијата учествувале 2.260 лица на возраст од 12 до 15 години од САД, а вакцината предизвика силни реакции на антитела еден месец по втората доза – надминувајќи ги антителата развиени од луѓе на возраст од 16 до 25 години. Вакцината во моментов е одобрена во САД за итна употреба кај луѓе постари од 16 години, пишува Си-Ен-Ен.

Кога станува збор за несаканите ефекти на вакцината кај тинејџери, „Фајзер“ известува дека тие се слични на оние кај популацијата од 16 до 25 години – болка на местото на инјектирање, замор и треска.

Учесниците ќе бидат следени за заштита и безбедност две години по приемот на втората доза.

Научниците можат да го дефинираат бројот на антитела кои ги штитат возрасните, а потоа да го бараат тоа ниво на антитела и кај децата, за да знаат дали и во која мера вакцината обезбедува заштита. Затоа, за истражување на ефикасноста на вакцината кај деца и адолесценти биле потребни помалку волонтери отколку кај возрасните.

„Фајзер“ се надева дека вакцинирањето на помладата популација ќе започне пред почетокот на следната учебна година.

Слични содржини