Голем инцидент беше придружен со 1/2-финалниот реванш дуел во Кралскиот куп помеѓу Валенсија и Барселона, освоен од Каталонците со 2:0.
По мечот на стадионот „Местаља“, навивачите на „лилјаците“, бесни од елиминацијата, го нападнаа автобусот на Лео Меси и компанија. Тие фрлаа празни шишиња и камења врз него и успеаја да скршат еден од страничните прозорци. Жерар Пике пак беше навредуван поради неговите сепаратистички изјави, додека Самуел Умтити беше подложен на расна дискриминација поради бојата на неговата кожа.
За среќа, инцидентот помина без сериозни последици, а ѕвездите на Барса беа испратени на аеродромот со полициска придружба. Потсетуваме дека деби гол за гостите во Валенсија забележа Филипе Кутињо, а вториот гол го постигна Иван Ракитиќ.
Во директен спор околу трофејот, лидерот во Ла Лига ќе се соочи со Севиља. При евентуален триумф, Барса ќе го освои јубилејниот 30-ти Куп и четврти по ред.