Фатмир Скендер избран за нов уставен судија

од Nikola Popovski

Собраниската Комисија за избори и именувања попладнево го утврди предлогот Фатмир Скендер да биде избран за судија на Уставниот суд. По гласањето по предлогот, претседателката на Комисијата Марија Георгиевска ја прекина седницата, а нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.

Доаѓа на предлог на владејачката коалиција, а дел од пратениците од опозицијата повторно со забелешки откако не помина предлогот кандидатите за уставни судии лично да се претстават пред комисијата.

На почетокот на седницата, Комисијата за избори и именувања по повеќе од еден час работа не ја започна расправа за предложени девет кандидати за уставните судии. Пратениците дебатираа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да има поединечно претставување на кандидатите пред пратениците, што беше надгласан.

Комисијата треба да утврди уште двајца канидати за уставни судии, а расправата ќе ја продолжи утре.

Скендер е еден од трите предлози кои на претходното продолжение на комисиската седница на 13 мај дојдоа од редовите на мнозинството. Покрај него, пратениците од СДСМ за нови уставни судии ги предлагаат и правничката Тања Васиќ-Бозаџиева и актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, има шест предлози: професорите Саво Климовски и Родна Живковска; Тодор Витларов, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Штип; Воислав Димоски, актуелен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид; управната судијка од Битола, Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.

Слични содржини