Фаучи ги сака податоците за деветмината вработени во лабораторијата во Вухан

од Stefanija Kuzmanovska

Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи ја повика Кина да ги објави медицинските податоци за деветте вработени во лабораторијата во Вухан, бидејќи тие можат да посочат на клучни индиции за тоа дали ковид 19 излегол од лабораторија, објави „Фајненшл тајмс“.

„Би сакал да ја видам медицинската документација за лицата кои се разболеле во 2019 година. Дали биле навистина болни и ако е така, од што се разболеле“, рече Фаучи.

Потеклото на вирусот сè уште е спорно, а американските разузнавачки агенции ги испитуваат тврдењата дека истражувачите во кинеската лабораторија за вируси во Вухан се разболеле сериозно во 2019 година, еден месец пред да биде пријавен првиот случај на ковид 19, пренесува „Ројтерс“.

Сепак, кинески научници и официјални лица ја отфрлаат тезата дека вирусот излегол од лабораторијата, наведувајќи дека тој можел да циркулира во други региони пред да пристигне во Вухан и дека можеби влегол во Кина преку увезена замрзната храна.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека Фаучи верува дека вирусот најпрво бил пренесен од животно на човек, нагласувајќи дека дури и ако лабораториските истражувачи се заразат со ковид-19, тие би можеле да бидат заразени од општата популација.

Слични содржини