Водечкиот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, рече дека САД може да не ги фати вториот бран на епидемијата од коронавирус.

Но, ако на проблемот му се пристапи на вистински начин.
Според „Гардијан“, Фаучи, кој е директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, и кого Белата куќа го „отстрани“ од јавноста откако се спротивставил на претседателот Доналд Трамп заради предвременото отворање на економијата, за Си-Ен-Ен изјави дека во некои земји е регистрирано зголемување на случаи, што не значи дека ова е втор бран на епидемијата.
„Се очекуваше зголемување на бројот на заразени во Америка со оглед на олеснување на рестриктивните мерки“, рече Фаучи.
„Меѓутоа, кога бројот на хоспитализирани почнува да расте, тоа е сигурен знак дека одите во погрешна насока и дека е потребно внимателно да ја контролирате ситуацијата“, потенцира Фаучи и додаде дека не исклучувал зголемување на бројот на заразени лица во есен. За да се спречи тоа, тој ги повика граѓаните да носат маски во јавноста и да одржуваат физичка дистанца.
Според Институтот „Џонс Хопкинс“, повеќе од два милиони граѓани се заразени во САД, а 115.000 починале.
Многу експерти стравуваат дека може да има зголемен број на инфекции заради предвремено олеснување на мерките, отворање на економијата, како и поради масовни протести против бруталноста на полицијата.