Фаворитот за нов канцелар на Германија предупредува на финансиска криза во ЕУ

од Vladimir Zorba
32 прегледи

Германскиот политичар Фридрих Мерц, фаворит за иден канцелар, изрази загриженост за можноста од нова финансиска криза во ЕУ, предупредувајќи дека државниот долг е превисок.

„Следната финансиска криза дефинитивно доаѓа. Тоа ќе биде криза на државниот долг“, рече тој, без да прецизира кои земји ги смета за најзагрозени.

Неговите изјави доаѓаат во пресрет на изборите во Германија, додека дебатата продолжува за реформата на „сопирачката за долгот“, која ги ограничува буџетските дефицити. Притисокот се зголемува поради барањата на САД ЕУ да ги зголеми трошоците за одбрана, што претставува предизвик за Германија бидејќи ќе и требаат дополнителни 30 милијарди евра годишно за да ги исполни обврските од НАТО.

Мерц не ја отфрли можноста за реформирање на фискалните правила, но смета дека намалувањето на трошоците, вклучително и издвојувањата за бегалците и социјалните бенефиции, е приоритет. Тој најави и дека во новата влада нема да има место за економската политика на Роберт Хабек од Зелените, бидејќи, како што тврди, не успеало спојувањето на економијата и климатските прашања.

Неговите ставови за миграцијата би можеле дополнително да ги комплицираат коалициските преговори. Мерц најавува затворање на границите, задржување на опасните баратели на азил и депортации во земји како Авганистан, по примерот на италијанскиот премиер Џорџa Мелони.

„Ако другите земји успеаја, може и Германија“, рече тој, пренесе Pollitico.

Слични содржини