ФБИ трага по бугарска „крипто-кралица“, награда од 100.000 долари

од Stefanija Kuzmanovska
238 прегледи

Руја Игнатова, позната и како „крипто-кралица“ се најде на листата на десет најбарани бегалци на ФБИ.

Американските истражители ја обвинија Бугарката дека измамила луѓе за повеќе од четири милијарди долари преку нејзината криптовалута „onecoin“. Таа исчезна во 2017 година, кога американските власти потпишаа налог за нејзино апсење.

Игнатова го водеше проектот „OneCoin“ и на почетокот на 2014 година на клиентите им понуди провизија доколку ја продадат криптовалутата на поголем број луѓе. Но, ФБИ тврди дека „onecoin“ бил безвреден и никогаш не бил заштитен со блокчејн технологијата што ја користат другите криптовалути.

ФБИ ја стави Игнатова на листата на најбарани бегалци, а се бара и помош од јавноста за да ја фатат. Вчера понудија награда од 100.000 долари за каква било информација за тоа каде се наоѓа „крипто-кралицата“, како што жаргонски ја нарекоа.

Би-Би-Си наведе дека една од причините зошто Игнатова е толку тешко да се најде е тоа што исчезнала со најмалку 500 милиони долари, што ѝ помогнало да се скрие од законот.

„Сметаме дека има висококвалитетни лажни лични документи и дека го променила изгледот. А можеби и не е веќе жива“, рекол новинарот Џејми Барлет, кој со години го истражува целиот случај.

Игнатова последен пат била видена како се качува на лет од Бугарија за Грција во 2017 година и оттогаш ѝ се губи секаква трага.

Слични содржини