Роџер Федерер повторно на терен? Малку веројатно, но не и невозможно – судејќи според неговите зборови.
– Не верувам дека јас и Рафаел Надал ќе играме двојки на Лејвер купот, но ако ме повика, тука сум – одговори Швајцарецот во интервју за „Газета дело спорт“, а овие зборови веднаш предизвикаа бројни шпекулации.
Следното издание на ова натпреварување е во септември во Берлин, а со оглед на тоа што Федерер е еден од косопствениците, нема сомнеж дека продажбата на билетите ќе се зголеми со интензитет бидејќи кој ќе ризикува да го пропушти спектаклот на два од трите најголеми асови во историјата на тенесот.
Второ, самиот Роџер се пензионираше пред две години на Лејвер купот во Лондон, играјќи двојки со Надал, а веќе подолго време се шират гласини дека и Шпанецот би можел да го стори истото. Впечаток е дека тоа е малку веројатно, прво затоа што Рафа веќе кажа дека веќе не планира наскоро да се пензионира, а второ, ако планира да го направи тоа, ќе го направи или на Ролан Гарос или во Шпанија. За него Лејвер купот не е толку важен колку што е за Федерер.
Италијанците го прашаа и Швајцарецот дали гледа повторување на ривалството со Надал во Јаник Синер и Карлос Алкараз. Малку ги разочара:
– Рано е за вакви оценки. Јаник и Карлос припаѓаат на иста генерација и се многу силни. И мене ми се чини дека многу се почитуваат. И двајцата имаат силни карактери. Тие имаа одличен почеток на нивните кариери и нивното ривалство ветува дека ќе биде следното големо. Убаво е да ги гледаш како играат.
Федерер зборуваше и за одличните играчи од Апенините кои го освоија последниот Дејвис куп.
-Италија има страшна генерација, покрај Синер ги има и Коболи, Нарди, Арналди, Музети, Сонего, Беретини… Сигурно некого сум заборавил.
Тој е задоволен што сите негови четири деца вежбаат тенис.
– Не знам дали ќе бидат шампиони, но ме радува што сите сакаат тенис. Близнаците тренираат 3-4 пати неделно. Момците се уште се мали, но во нив ја гледам желбата да бидат шампиони. Се разбира, не можете да се искачите на Еверест за една ноќ. Тоа е долг пат. Досега ми се допаѓа што се активни. Моите ќерки имаат 15, а синовите десет.
Тој го опиша неговиот типичен ден.
– Станувам рано и веднаш одам во теретана, а потоа им помагам на децата и ги носам на училиште. Играм тенис колку што можам повеќе затоа што сакам да останам во форма. Многу патуваме, но поголемиот дел од времето го поминуваме во Швајцарија.