Федерер испадна од АТП листата за прв пат по 25 години

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Носителот на 20 Гренд слем титули, Роџер Федерер, отпадна од светската АТП ранг листа за прв пат од 21 септември 1997 година.

Ова стана факт по завршувањето на „Вимблдон“, бидејќи маестрото имаше 600 поени од изданието на турнирот во 2019 година, кои поради кризните мерки за коронавирусот сè уште му беа достапни. Сепак, сега ги загуби и со тоа нема бодови, паѓајќи од ранг-листата за прв пат по точно 9.058 дена.

Федерер последен пат играше лани на „Вимблдон“ и беше елиминиран во четвртфиналето од Хуберт Хуркач со 3:6, 6:7, 0:6. Годинава најави план за учество досега само во Лејвер купот и во Базел.

Обожавателите на швајцарската легенда на социјалните мрежи укажаа на ситници од моментот кога тој првпат заработил поени за рангирање пред 25 години.

Википедија тогаш не постоеше, Стефанос Циципас сè уште не беше роден, Мајкл Џордан играше во НБА, Том Брејди немаше дебитирано во НФЛ, Михаел Шумахер имаше само две светски титули во Формула 1, а Реал Мадрид – шест пехари од Лигата на шампионите.

Слични содржини