Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер наскоро ќе наполни 41 година, а враќањето на теренот по долга пауза се чини дека не му е приоритет.
Поранешниот светски рекет број еден и сопственик на 20 Гренд слем трофеи ужива со семејството и не му било тешко да се навикне на животот без тенис.
„Сакам да победувам, но ако веќе немате желба да се натпреварувате, тогаш подобро е да престанете. Мислам дека не ми треба тенис. Подготвен сум да ги славам малите работи, на пример кога син ми ќе направи нешто како што треба или кога ќерка ми се враќа од училиште со добра оценка“, изјави Федерер, кој веќе и официјално нема пласман на АТП листата.
„Тенисот е само дел од мојата личност. Сакам да останам успешен и да ја ставам мојата енергија на работа, можеби понекогаш давам повеќе отколку што треба. Но, тоа може да се направи и надвор од спортот. Знам дека професионалната кариера не може да трае вечно, и тоа е во ред“.
Федерер е надвор од теренот повеќе од една година поради операција на коленото, а последен пат на теренот беше на „Вимблдон“ во 2021 година.
„Кога бев на турнеја, нашите патувања понекогаш беа премногу заморни, особено што требаше да ги организираме и за децата. Сега е убаво да се одмориме од тоа, дури и за децата, иако ги пропуштаат патувањата. Имаме пријатели низ целиот свет. Не сме ги виделе нашите пријатели од Њујорк и Мелбурн веќе неколку години. Можам искрено да кажам дека сум многу среќен што поминувам време дома. Она што е особено добро е што сега можам да закажам состаноци за, да речеме, вторник наутро три недели однапред. Некогаш ни недостасуваат патувања, секако, ми недостига спортот, но во исто време и животот дома е добар“, изјави Федерер, кој на 8 август ќе наполни 41 година.
Со 20 гренд слем титули, Швајцарецот е трет на вечната листа зад Новак Ѓоковиќ (21) и Рафаел Надал (22).