Роџер Федерер ја извести јавноста дека се повлекува од Олимписките игри.
Швајцарецот на социјалните мрежи истакна дека му е чест да ја претстави својата земја, но дека приоритет му е да се опорави и добро да го залечи коленото.
„За време на турнирот на трева доживеав пад на коленото и морав да се повлечам од Олимписките игри во Токио. Многу сум разочаран, бидејќи тоа е чест и врв на мојата кариера секогаш кога ќе ја претставувам Швајцарија“, напиша Федерер.
Тој додаде дека ќе започне со лекување и рече дека се надева дека ќе може да се врати до крајот на годината.
„Им посакувам среќа и ќе навивам за секој швајцарски тим. Почнав со третмани и се надевам дека ќе се вратам до крајот на годината “, напиша Федерер.
Досега, Доминик Тим, Рафаел Надал, Ник Кријос, меѓу најпознатите, се откажаа од Олимписките игри, а под знак прашалник е и учеството на Новак Ѓоковиќ, кој истакна дека поради сите околности, размислува дали да патува во Токио.