Фенербахче продолжува да биде доста активен на трансфер пазарот ова лето. Турскиот клуб избра уште едно сериозно име за својата селекција. Станува збор за крилниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Ентони, тврди „Фотомах“.
24-годишниот Бразилец има статус на резерва на „Олд Трафорд“ и се чини дека нема да игра многу често ниту оваа сезона. Затоа Јунајтед најверојатно нема да му прави проблеми ако добие понуда која им одговара на сите страни.
Се очекува Фенербахче да достави официјална понуда во последните денови пред затворањето на преодниот рок во Турција, кој се затвора во среда. Понудата ќе биде за закуп на крилото со опција за купување.
Доколку Ентони пристигне на „Шукру Сарачоглу“, ќе работи под водство на Жозе Мурињо. Португалецот веќе донесе неколку сериозни имиња во клубот како Јусеф Ен-Несири, Ален Сен Максимин, Каглар Сојунџу и Софијан Амрабат.