Фенербахче нема да и се извини на Украина за скандирањето на името на Путин

од Vladimir Zorba
209 прегледи

Претседателот на клубот Фенербахче, Али Коч изјави дека клубот нема да се извинува откако нивните навивачи го скандираа името на Владимир Путин на натпреварот против Динамо Киев, пренесе Франс прес.

Снимките на социјалните мрежи покажаа дел од преполниот стадион на Фенербахче додека навивачите го скандираа името на рускиот претседател како одговор на првиот гол на Динамо против тимот од Истанбул во квалификациите за Лигата на шампионите на 27 јули.

Амбасадорот на Украина во Турција, Васил Боднар, изрази „тага“ поради скандирањето, а Фенербахче првично рече дека однесувањето на нивните навивачи „не го претставува ставот и вредностите на клубот“.

Но, претседателот на клубот Али Коч рече дека украинскиот амбасадор и портпаролот на министерот за надворешни работи треба да им се извинат по „непримерните“ забелешки.

„Мислам дека тоа беше непримерно и непотребно скандирање, далеку од тоа како ние се доживуваме како клуб. Но, што можеме да направиме? Да им ја затвориме устата?“, рече Коч.

Навивачите на Фенербахче го скандираа името на Путин по голот на Виталиј Бујалски за Динамо во победата на Украинците од 2-1, со која турскиот тим беше исфрлен од Лигата на шампионите.

„Нашите вооружени сили го победија Путин со 2:1 на турска територија. Им препорачуваме на турските навивачи да бидат на победничката страна“, напиша на Твитер портпаролот на украинското МНР по натпреварот.

Романскиот тренер на Динамо, Мирчеа Луческу, во знак на протест одби да присуствува на задолжителната прес-конференција по натпреварот.

УЕФА на 28 јули објави дека отвора истрага за „наводно недолично однесување на навивачите на Фенербахче“.

Русија ја започна својата агресија против соседна Украина на 24 февруари.

Турција ја осуди руската инвазија на Украина. Иако е членка на НАТО, Турција се определи за неутрална позиција и не се приклучи на западните санкции против Москва.

Слични содржини