Скопската зоолошка градина објави дека за првпат во историјата добиле шест пара близначиња. Годинава има најмногу подмладоци од лемурите кои потекнуваат од Мадагаскар.
-Денеска се прославува Интернационалниот светски ден на јогата, а лемурите се сметаат за основоположници на оваа дисциплина. Во светот дури постои и се практикува Лемога- јога со лемури. Овие прекрасни животни од Мадагаскар, секое утро, во јога поза седат свртени кон сонцето, велат од Зоолошката.
Потенцираат дека за првпат добиле шест пара близначиња што е светски феномен.
-Лемурите се еден од најзагрозените видови на светот, а Скопје ЗОО придонесува за зголемување на бројот на овие единки чии природни живеалишта се повеќе се намалуваат. Да ни се живи и здрави малечките, објавија од Зоолошката градина.
Годинава во скопската Зоолошка градина за првпат се испилија пингвини, а лани и три бели лавчиња, после 20 години.