Ферара: Марадона не беше херој, хероите се совршени и не прават грешки

од Nikola Popovski

„Марадона не беше херој, хероите се совршени и не прават грешки. Диего беше анти-херој, но и покрај сите свои слабости, тој стана најдобриот на сите времиња“, изјави поранешниот италијански репрезентативец и соиграч на Марадона од Наполи, Чиро Ферара.

Италијанскиот стручњак е познат како голем пријател на Марадона кој неодамна почина на 60-годишна возраст.

„Марадона направи најмногу грешки на сопствена кожа. Тој секогаш велеше дека не сака да биде пример и се согласувам со него“,изјавил Ферара во разговорот со Кристијан Виери во емисијата „БобоТВ“ на апликацијата „Твич“.

„Сето ова ме погоди, ова се тешки моменти. Сите сме толку тажни за тоа што се случи, но убеден сум дека Диего си замина мирно. Јас пораснав со него, имам незаборавни спомени од него. Тој беше мој пријател и секогаш го бранев, но тој плаќаше за своите грешки“, изјавил Ферара.

Тој потенцирал дека Марадона имал „луда глава“.

„Нешто слично како Антонио Касано, можеби добро ќе се сложуваа“, заклучил Ферара.

Ферара му се придружи на првиот тим на Наполи во 1984 година, токму кога Марадона пристигна од Барселона. Тие играа заедно седум години и освоија две титули во Серија А, Купот на УЕФА, Купот на Италија и Суперкупот.

Слични содржини