Манчестер Јунајтед беше убедливо поразен од Њукасл во натпреварот од 31. коло на англиската Премиер лига, а најдобриот играч на тимот Бруно Фернандеш по натпреварот истакна дека е разочаран од соиграчите.
Овие негови зборови добиваат особена тежина ако се земе предвид дека со месеци се зборува за тоа како Португалецот треба да ја промени својата средина бидејќи, како што велат бројни англиски фудбалски ѕвезди, тој „залудно ги троши најубавите години од својот живот“ на „Олд Трафорд“.
Сепак, капитенот на Јунајтед во изјава за британските медиуми рече дека верува во овој тим и дека се чувствува виновен што не покажал што може.
„Головите што ги примивме на натпреварот против Њукасл дојдоа најмногу од нашите грешки и затоа сум разочаран од играта на моите соиграчи. Знам дека можат да го направат тоа и колку квалитет имаат, но потребно е само малку за да го покажат тоа на теренот. Свесен сум дека не е лесно да се игра во овој клуб, исто така знам дека се трудат и затоа се чувствувам лошо кога ќе се случи вакво нешто“, изјави Португалецот по натпреварот.
Бруно Фернандеш конкретно истакна дека очекува целиот тим да прикаже подобро ниво на фудбал во четврток на 17 април, кога Лион ќе пристигне во Англија на реваншот од четвртфиналето на Лига Европа, по ремито 2-2 во Франција.
„Овој натпревар е многу важен за нас. Уверен сум дека јас и моите соиграчи со голема поддршка од навивачите на трибините можеме да постигнеме добар резултат и да се пласираме во следната рунда“, изјави Фернандеш.