Вицепремиерот и членот на коалицијата ВЛЕН, Арбен Фетаи денеска остро ја критикуваше ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека преку нов бран на популизам и лажен национализам се обидува да ја прикрие корупцијата, неуспесите и застојот што ги предизвикала за време на своето 22-годишно владеење. Тој порача дека новата реторика на ДУИ, предводена од Али Ахмети и Бујар Османи, е очаен обид да се одвлечат вниманието на гласачите од нивните неуспеси и да се манипулираат граѓаните со страв и поделба.
-Кога Али Ахмети вели „ќе се случи, народот”, тој оживува опасна, озлогласена фраза, првпат употребена од Слободан Милошевиќ во 1988 година за поттикнување омраза и конфликт во поранешна Југославија. Ова не е само реторика. Ова е опасен повик што го загрозува мирот и единството што, заедно со меѓународните партнери, макотрпно ги изградивме во Северна Македонија.
Кога Бујар Османи, постојаниот министер на ДУИ, ни зборува за „референдум”, тој има за цел да го дефокусира вниманието на јавноста од неговото корумпирано минато за кое никогаш не дал отчет. ДУИ, која некогаш се прогласи за „зелена” или „мултиетничка” партија со огранок во Делчево на границата со Бугарија каде што нема Албанци, сега се свртува кон измамнички популизам, кон лажен национализам, прогласувајќи кризи што самата ги создаде за време на нејзините две децении на власт.
Проблемот со Ахмети како кум на Отворен Балкан и Бујар Османи, кој до вчера се однесуваше како да е министер за надворешни работи на Шведска, најдобро го објаснува Арбен Џафери, порача Фетаи во обраќањето.
Според него, како што вели, ДУИ имаше секоја можност 22 години да го спроведе Охридскиот договор, целосно да го официјализира албанскиот јазик и да изгради вистинска рамноправност.
-Зошто ДУИ сега зборува за „презир” или „деградација” на Албанците, кога самата ги исклучуваше и ги тргаше настрана од можностите за време на своето владеење? Зошто ги „открија” недоследностите на Охридскиот договор, кои ги оставаа нерешени со децении, дури сега кога се во опозиција, прашува вицепремиерот.
Тој ги обвини лидерите на ДУИ дека биле „слуги на режимот на Никола Груевски и Сашо Мијалков“ и дека денеска се обидуваат да претворат локална изборна кампања во „лажен национален референдум“, за да ја избегнат одговорноста за своето владеење.
-Истите луѓе што денес зборуваат за „вазалство” беа робови на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Две децении, тие ги правеа Албанците вазали на клиентелистички систем, каде што работата и меритократијата беа заменети со партија и врски. Граѓаните веќе рекоа ‘не’ на корупцијата, невработеноста и иселувањето. Време е да го одбиеме овој опасен популизам и да се насочиме кон европска Македонија, со правда, развој и достоинство за секого, истакна Фетаи, повикувајќи на единство и отпор кон политиките на поделба.