Вицепремиерот Арбен Фетаи и поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денес биле пречекани во амбасадата на САД во Македонија, на средба што доаѓа веднаш по нивната одлука да продолжат да ја поддржуваат Владата и да „му откажат љубов“ на Арбен Таравари во неговата одлука за излегување од владините редови. Оваа позиција на двајцата политичари означува јасно одвојување од нивниот лидер кој го предводи едното крило на Алијанса за Албанците.
„Утринското кафе го испивме во најважната гостинска куќа за Албанците во нашата земја, Амбасадата на САД, каде што нè пречека заменик-шефицата на мисијата, Никол Варнес. Со нашата пријателка разговаравме за нашето континуирано партнерство во борбата против корупцијата, унапредувањето на владеењето на правото и поддршката на нашиот пат кон Европската Унија“, напишал Фетаи на социјалните мрежи.
Посетата и поддршката од американските претставници се смета за потврда на новиот курс на Фетаи и Алиу. Вицепремиерот се очекува да остане на досегашната функција во Владата, додека името на Алиу се споменува како можен нов министер кој би доаѓал од редовите на ВЛЕН.
Фетаи им се обрати на членовите, симпатизерите и гласачите на Алијанса за Албанците, каде вели дека тие не се само поддржувачи на партија, туку чувари на кауза и идеал кој никогаш не бил продаден или наведнат. Претходно и Алиу обелодени дека ќе остане дел од коалицијата ВЛЕН.
-Можеби не сме совршени, но никој не може да каже дека ВЛЕН и оваа коалиција не донесоа нова динамика, нова надеж и вистински притисок за структурни промени. Мислам дека повлекувањето во овој момент, без јасен план, им дава простор на старите структури на ДУИ да се рехабилитираат и „заздрават“, заедно со нивните немоќни наративи. Ова е пат што не го следам, бидејќи верувам дека секој млад Албанец, секој интелектуалец, заслужува друга политичка опција – авангарда која сака иднина поинаква од она што сме го виделе досега, која ја избира победата на надежта и ги става мудрите и чесните, а не багабонтите, на пиедесталот на општеството, додаде членот на Алијанса.