Фетаи најостро го осуди случајот со сексуалната злоупотреба на малолетничка во Слупчане

„Како држава, имаме нулта толеранција кон секоја форма на сексуално насилство, особено кога тоа е насочено кон малолетници. Овие кривични дела не само што го уништуваат животот на жртвата и нејзиното семејство, туку и сериозно ја нарушуваат довербата на граѓаните во државните институции“, порача Фетаи

од Nikola Popovski
19 прегледи

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Арбен Фетаи, со најголема острина ги осудува тешките и неприфатливи дела на сексуална злоупотреба и уцена врз малолетничка во селото Слупчане, Општина Липково, како што вчера беше објавено во медиумите.

„Како држава, имаме нулта толеранција кон секоја форма на сексуално насилство, особено кога тоа е насочено кон малолетници. Овие кривични дела не само што го уништуваат животот на жртвата и нејзиното семејство, туку и сериозно ја нарушуваат довербата на граѓаните во државните институции“, се наведува во реакцијата на заменик-претседателот на Владата.

Заменик-претседателот Фетаи изразува целосна поддршка за итните дејствија на Министерството за внатрешни работи и полицијата и очекува Јавното обвинителство да постапи со итност, решителност и професионализам за да ги изведе пред лицето на правдата сите одговорни, без никаков компромис, како и да обезбеди примерни казни во согласност со одредбите на Кривичниот законик.

Воедно, заменик-претседателот нагласува дека жртвата и нејзиното семејство заслужуваат целосна институционална заштита, како и психолошка и социјална поддршка од надлежните институции. Владата ќе се погрижи сите неопходни услуги да бидат обезбедени без никакво одложување.

Заштитата на децата и борбата против сексуалното насилство мора да бидат апсолутен приоритет на целото општество. Заменик-претседателот Фетаи ги повикува сите граѓани да пријавуваат секое сомневање или случај на вакви злоупотреби, бидејќи молчењето само ги охрабрува сторителите на овие кривични дела.