Вицепремиерот за политики и добро владеење, Арбен Фетаи преку статус на социјалните мрежи реагираше по изјавата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за тоа каде се наоѓа екс-вицепремиерот Артан Груби.
„Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети и да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата“, објави Фетаи.
Вчера Ахмети во изјава за косовските медиуми посочил дека неговиот довчерашен сопартиец, Груби не побегнал, но и дека тој самиот немал контакт со него. Сепак тврди дека има информации дека Груби е во добра состојба и дека се наоѓа на албанска територија.
Претседателот на ДУИ оценува дека Груби ќе се врати и ќе се појави пред органите на прогонот, „но правдата не смее да биде одмаздничка и селективна“.
„Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети за дневно-политички цели и подготвени сме да одговориме во секој момент“, кажал Ахмети.
„Не избега, ќе одговара пред органите на правдата, но во договор правдата да не се злоупотребува за политички цели“, додал првиот човек на ДУИ, пренесуваат дел од медиумите во земјава на албански јазик.
Експрвиот вицепремиер и натаму е во бегство, како и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Беџети.
Ахмети бил во посета на Косово каде присуствувал на прием за ветераните на ОВК, организиран од лидерот на косовската опозиција, Рамуш Харадинај.