Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел го коментираше евентуалниот трансфер на Макс Верстапен во Мерцедес на местото на Луис Хамилтон, а Германецот е на мислење дека најдобро би било актуелниот светски шампион да остане во Ред Бул.
„Во моментов има многу коментари за Макс и неговата иднина, но од спортска гледна точка, тој нема причина да размислува за преселба во друг тим“, рече Фетел, додавајќи дека не знаел детали за односите на Верстапен со Ред Бул.
Себ ја коментираше и одлуката на Хамилтон да ја продолжи кариерата во Ферари од почетокот на сезоната во Формула 1 во 2025 година.
„Луис мораше да донесе многу тешка одлука“, објасни Фетел. „Како и многу луѓе, јас бев изненаден од ова, со оглед на долгогодишната поврзаност на Луис со Мерцедес, но можеби тој сака да проба нешто ново. Кога веста беше потврдена, веднаш му испратив порака да му честитам“.