Себастијан Фетел изјави дека не гледа причина зошто тој и Луис Хамилтон да не се разбираат, и покрај очекувањата за нова силна битка за титулата меѓу нив.
Германецот го освои првиот старт на сезоната во Австралија, откако еден ден порано Британецот објави дека сака да ја избрише насмевката од неговото лице. Иако изгледаше како шега, многумина сметаа дека двајцата дефинитивно не се сакаат, особено по она што се случи во Баку минатата година. Но, за Фетел тоа не е случај.
„Тој рече дека се шегува и му верувам. На крајот, ние сме доволно зрели и не мислам дека треба да го достигнеме тоа ниво. Иако сме различни карактери, мислам дека имаме заедничка страст што не обединува и мислам дека не постои проблем меѓу нас“, рече Себ.
„Сакаме да се натпреваруваме и секогаш се трудиме да бидеме на највисоко можно ниво. Кога сме во автомобил, ние само сакаме да ги победиме сите други. Затоа не гледам зошто да не се разбираме“, додаде германскиот пилот, кој пред Гран при на Бахреин следната недела мисли дека Ферари не е толку брз.
„Мислам дека во споредба со минатата година во тоа време, малку заостануваме. Но, верувам дека ќе успееме да ја избришеме разликата“, истакна Фетел.