Фетел влезе во конфликт со Ферари

од Vladimir Zorba

Пилотот на Ферари, Себастијан Фетел беше многу лут на својата екипа по трката во „Силверстон“, која ја заврши на неконкурентно 12. место.

Поранешниот светски првак ги обвини лидерите на тимот дека целосно ја згрешиле стратегијата и дека ја избрале онаа што нема смисла.

Фетел е, до одреден степен, виновен за ваквиот резултат, бидејќи тој веќе имаше грешка на првиот свиок, по што падна на последното место.

Четирикратниот светски првак првиот пат кога влегол во бокс им кажал на луѓето во боксот преку радио „знаете дека згрешивте“.

„Разговаравме наутро пред трката и се согласивме дека нема смисла да одиме често во боксот затоа што ќе влеземе во толпа, а го сторивме токму тоа. Избравме тврди гуми, кои требаше да се сменат по десет круга, така што ништо немаше смисла. Мислам, зошто би ставиле тврди гуми за десет круга, а потоа средно тврди за следните 20? Кон крајот, тие се „излижаа“, штета е, затоа што разговаравме токму за оваа тема“, рече Фетел по трката.

Интересно е што Фетел, кој ги освои сите титули од 2010 до 2013 година, како член на Ред Бул, имаше далеку послаб учинок од неговиот колега Шарл Леклер, кој успеа да го освои четвртото место со еден влез во боксот.

По пет трки во првенството, Фетел е на 13. место со десет бода, додека Леклер веќе има 45.

Најдобриот резултат на Германецот оваа сезона е на шестото место на Хунгароринг, а два пати беше на десетто место.

Слични содржини