ФФМ го демантира Салиу за инциденти на натпреварите на Вардар и Шкендија, новинарот ги обвини дека лажат и ги праша зошто Омерагиќ е меѓу специјалните гости на роденденот на синот на премиерот

„Што се однесува до полицијата... Колку глуп треба да бидеш за да замижиш пред објавени видеа? Знаете дека јас зборувам со факти – наскоро и видео“, соопшти новинарот Салиу

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро ги демантира, како што велат, изнесените наводи во јавноста од страна на новинарот Фуркан Салиу поврзани со натпреварите Вардар – Башкими и Шкендија Арачиново – Преспа. Од македонската куќа на фудбалот велат дека ниту ФФМ, уште помалку претседателот Масар Омерагиќ, побарале, ниту дале било каква наредба за отстранување на албански знамиња на натпреварот Шкендија А. – Преспа.

-Таквите тврдења се целосно неточни и претставуваат груба манипулација со јавноста, со јасна намера да се создаде непостоечка политичка позадина таму каде што ја нема.

Во однос на обвинувањата за наводна употреба на сила од страна на полицијата на натпреварот Вардар – Башкими, категорично ги отфрламе истите.
Напротив, припадниците на Министерство за внатрешни работи на Македонија (МВР), најпрофесионално и исклучително коректно ја извршуваа својата работа, дури и во моменти кога беа вербално и физички нападнати од лица од раководните структури на клубот од Куманово.

Обидите тоа да се претстави како „употреба на сила“ се тенденциозни и злонамерни.

Не е јасно од кои причини Фуркан Салиу со невистини и манипулативни конструкции се обидува да наметне наратив кој единствено создава омраза и поделби. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги не е новинарство, туку опасна игра со јавноста, велат од ФФМ.

Оттаму лично го покануват Салиу да дојде во ФФМ и за овој случај, и велат, како што тоа го прави кога треба јавно да наметне став или теза во корист на Шкендија Арачиново и директно да се запознае со сите релевантни факти.

-ФФМ нема намера да води јавни преписки и медиумски препукувања, ниту сака да биде доведена во позиција судски да ја докажува вистината. Сепак, доколку продолжат невистините и клеветничките наводи, ќе бидеме приморани да ги преземеме сите расположливи правни механизми за заштита на угледот и интегритетот на Федерацијата, стои во реакцијата на македонската куќа на фудбалот.

Набрзо потоа се огласи и новинарот Салиу, истакнувајќи дека во ФФМ лажат. Порача дека федерацијата досега нема прекинато ниту еден натпревар поради навреди по национална основа.

„Од ФФМ велат дека не било побарано да се тргне знамето во Сингелиќ… Нека го расчистат тоа со нивниот делегат, затоа што дебатата се одвиваше пред триесетина луѓе, меѓу кои имаше и полицајци.

По разговорот, делегатот се јави во ФФМ и натпреварот се одигра. Погледнете кога е почнат натпреварот Шкендија – Преспа и погледнете во колку часот почнале другите натпревари, па ќе се уверите дека во Сингелиќ почна подоцна затоа што делегатот не дозволуваше да се почне без да се тргне знамето.

Што се однесува до полицијата… Колку глуп треба да бидеш за да замижиш пред објавени видеа? Знаете дека јас зборувам со факти – наскоро и видео.

А во меѓувреме, ако нема политика во ФФМ, зошто Масар Омерагиќ е меѓу специјалните гости на роденденот на синот на премиерот? Зошто синот на Масар Омерагиќ беше заштитен од судијата денес и е заштитен на секој натпревар? Зошто селекторот на репрезентацијата е и тренер на Вардар? Зошто баџанакот? Дали ФФМ исплаќа фактури и ги сместува репрезентативците на 200 километри од Скопје, во хотелот на Горан Пандев? Џабе се мачите – сè се знае во оваа држава“, истакна новинарот во својата јавна објава.