ФФМ го осуди инцидентот на натпреварот Брегалница – Шкупи

Ваквото однесување, како што е соопштено, е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери.

од Vladimir Zorba
49 прегледи

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) попладнево „најостро го осуди инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории меѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегоа на теренот и физички нападнаа дел од домашните играчи“.

Ваквото однесување, како што е соопштено, е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери.

Изразувајќи особена загриженост поради тоа што „едно од децата претрпе сериозни повреди и скршеници, како последица од нападот“, ФФМ најави дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот.

„Поведена ќе биде дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори. Федерацијата уште еднаш потсетува дека секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран. Со насилство, од било кого и на кое било ниво, нема да има компромис“, наведе ФФМ.

Инцидентот, денеска, најостри го осуди и Фудбалскиот клуб Брегалница, апелирајќи до надлежните институции ригорозни казни за виновниците.