Натпреварувачката комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за прекин на неодредено време на Националниот шампионат од Прва и Втора македонска фудбалска лига, потоа Третите лиги од МФЛ, како и натпреварите од женскиот шампионат и првенството во футсал.
– Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани, објави попладнево ФФМ.
Претходно, согласно препораките и забраните од Владата на Македонија за превенција од коронавирусот, Комисијата за младински фудбал донесе одлука сите натпревари од младите категории и натпреварите од Детските лиги на ФФМ да се суспендираат во наредните две седмици.
Кошаркарската федерација на Северна Македонија донесе одлука да бидат прекинати сите натпревари што се под нејзина ингеренција.
– Земајќи ја предвид моменталната состојба со појавата и ширењето на Корона вирусот (COVID-19), како и препораките на Владата на РСМ и Светската Здравствена Организација, со цел да се заштити здравјето и безбедноста на играчите, тренерите, службените лица и навивачите, раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија објавува дека сите натпревари во организација на федерацијата од денеска, четврток, 12 март 2020 година со одложуваат на неодреден временски период, соопшти МКФС на нејзината официјалната веб-страница.
КФСМ ќе продолжи да ја следи состојбата на дневна основа и ќе ги оценува опциите за продолжување или не, на соодветните натпревари кога и ако ситуацијата тоа го дозволи.