Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им се заблагодари на навивачите за синоќешната поддршка на натпреварот против Бугарија.
-Од срце упатуваме голема благодарност до сите вас кои дојдовте од сите краеви на Македонија да им дадете поддршка на македонските репрезентативци на Националната арена „Тодор Проески“ на натпреварот против Бугарија. Беше навистина импресивно да се види како и на дожд, повеќе од 20 илјади луѓе, безусловно ја сакаат и бодрат Македонија. Од првата до последната минута, велат од ФФМ.
Потенцираат дека на сите ни е жал што репрезентацијата и покрај големиот напор не успеа на крајот да оствари позитивен резултат.
-Длабоко сме убедени дека ќе бидеме на највисоко ниво на следните натпревари и одново ќе имаме причина за славје пред полни трибини на Националната арена, стои во соопштението на ФФМ.
Натпреварот беше исполнет со тензии од самиот почеток, преку исвиркувањето на бугарската химна, погрдните скандирања од трибините, како и на самиот терен меѓу фудбалерите, поради што беа покажани 8 жолти и еден црвен картон.