Словачкиот премиер Роберт Фицо ги отфрли информациите дадени во статија во Politico. Бриселското издание, повикувајќи се на пет анонимни европски дипломати, објави дека Фицо им рекол на лидерите на ЕУ на самитот минатата недела дека неговата средба со Доналд Трамп го шокирала во врска со менталната состојбат на американскиот претседател.
Според двајца дипломати, Фицо го употребил зборот „опасно“ за да го опише впечатокот што американскиот претседател го оставил врз него за време на нивната средба на 17 јануари во имотот на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида.
Фицо изгледал „трауматизиран“ од средбата, рекол еден од европските дипломати. Според неговите зборови, кои му ги пренел лидер директно вклучен во разговорот, Фицо го опишал Трамп како личност која е „луда“.
„ОСТОРНО ГИ ОТФРЛАМ ЛАГИТЕ НА МРЗАЧКИОТ, ПРОБРИСЕЛСКИ ЛИБЕРАЛЕН ПОРТАЛ POLITICO. Ова е тажна слика за либералниот и прогресивен политички и медиумски свет. Злоупотреба на кривичното право за уништување на политичките противници, отфрлање на различните мислења, неограничени медиумски лаги и обиди за атентат врз политичките лидери во Словачка и САД.
Вчера морав да ги отфрлам лагите на новата либерална, пробриселска унгарска ѕвезда П. Маѓар. Помалку од 24 часа подоцна, морам решително да ги отфрлам и лагите на порталот Politico за тоа како ја оценив мојата средба со американскиот претседател Д. Трамп на неформалниот самит во Брисел.
Никој ништо не слушнал, никој ништо не видел, нема сведоци, но тоа не го спречи порталот Politico да измислува лаги. Добро е познато дека јас сум еден од „омилените“ на тој портал, каде што суверенитетот, борбата за националните интереси и сопственото мислење се сметаат за злосторства.
Затоа: Јас не зборував на неформалниот самит во Брисел, ниту другите премиери. На пример, ниту еден од В4 не зборуваше. Јас отворено го критикував тој самит, неговата подготовка и свикување. На самитот, неформално не разговарав со ниту еден премиер или претседател за мојата посета на САД“, одговори Фицо.
„Имаше постојан обид да се спречи мојата посета на САД, како што беше случајот со мојата посета на Русија, кога некои земји-членки на ЕУ дури и не ми дозволија да летам над нивна територија! Така изгледа солидарноста.
Се согласувам со многу од стратегиите на американскиот претседател, но не се согласувам со некои. Искрено очекував дека, по мојата остра изјава за Венецуела, мојата посета на САД ќе биде откажана. Тоа не се случи, поради што ја ценам средбата со американскиот претседател уште повеќе.
Целта на Политико е единствено да ги уништи конструктивните односи што Словачка ги има со сите делови од светот. Ова важи и за интересот на Словачката Република за диверзификација на својата мирна нуклеарна програма и соработка со САД.
Ако треба да изразам критичко мислење, не ми требаат мегафони. Можеби мојот предлог за неопходноста од разрешување на К. Калас е доволен пример“, нагласи тој.