Пред стартот на Светското клупско првенство, ФИФА подготви пакет новини што ќе донесат значајни промени во начинот на кој се суди и игра фудбалот. Дел од нив ќе се тестираат токму на ова натпреварување, а некои веќе се применуваат и во други континентални турнири како КОНКАКАФ Голд Купот. Целта: побрз, пофер и потранспарентен фудбал.
Голманите нема да можат да „крадат време“
Досега, кога голманот ќе ја фати топката, можеше да ја држи шест секунди без последици, дури и ако тоа време се надмине. Сега, границата се зголемува на осум секунди, но со конкретна последица: ако го надмине лимитот, противничкиот тим добива корнер. Судијата ќе сигнализира со подигната рака по пет секунди, како предупредување.
„Ова не е казна, туку начин да се спречи злоупотребата и одолговлекувањето,“ вели првиот човек на судискиот комитет, Пјерлуиџи Колина.
Пеналите добиваат нова логика
По контроверзниот пенал на Хулијан Алварез, кога ја удри топката со двете нозе, новите правила велат: ако VAR утврди двоен допир, а топката влезе во мрежата – ударот се повторува. Ако не влезе – се досудува слободен удар за противничкиот тим.
Полуавтоматски офсајд со прецизност од 10 см
Нова технологија за офсајд ќе биде тестирана на ова натпреварување – 16 камери и сензор во топката ќе детектираат офсајд при контакт. Сигналот се праќа само ако играчот е во офсајд за најмалку 10 сантиметри, сè под ова оди на проверка во VAR. Целта е побрзо судење, помалку повреди и поголема прецизност.
Камери на судиите за нов агол
За првпат, судиите ќе носат мини-камери прикачени на слушалките. Ќе снимат делови од мечот, но без пренос во живо. Снимките ќе се користат за документарни цели и забавен материјал – на пример, пред почеток на меч или во тунелот. Камерата нема влијание на одлуките од VAR.
VAR ќе биде видлив за сите
Навивачите на стадионите конечно ќе можат да видат што точно судијата гледа кога консултира VAR. Сликата од мониторот ќе се прикажува на големите екрани. Разговорот останува доверлив, но судијата ќе го објави исходот преку разглас.
Топка што го допира судијата? Ново правило за фер-плеј
Кога топката ќе го погоди судијата и промени посед – наместо автоматски да се врати кај тимот што ја имал, сега судијата одлучува кој „реално“ би ја освоил. Идејата е фер распределба и намалување на арбитрарни одлуки.
Тренерите нема да бидат казнети – ако не попречат акција
Ако тренерот случајно ја допре топката додека е во игра, но не попречува акција – нема казна. Само индиректен удар за противникот. Но ако се обиде да ја запре акцијата – следува црвен картон.
Новото Светско клупско првенство ќе биде поле за експерименти, но и почеток на нова ера во фудбалот. ФИФА јасно порача: технологијата е тука да му помогне на спортот, а не да го замени човечкиот суд. Очите ќе бидат вперени во теренот – но и во судиите, камерите и новите правила што ветуваат побрз и поправеден фудбал.