Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) официјално го одложи почетокот на овогодинешното Светско првенство во Катар за еден ден, па турнирот ќе започне на 20 ноември со натпреварот меѓу Катар и Еквадор.
Првично беше планирано Светското првенство да започне на 21 ноември, а првиот дуел да го одиграат селекциите на Холандија и Сенегал.
Изненадната промена беше потпишана од Комитетот на ФИФА, кој го сочинуваат неговиот претседател Џани Инфантино и претседателите на шесте континентални фудбалски тела.
ФИФА соопшти дека одлуката е донесена едногласно.
Натпреварот меѓу домаќините на турнирот и Еквадор наместо ден подоцна во истиот термин ќе се игра на 20 ноември во 19 часот по локално време, додека натпреварот Холандија – Сенегал кој требаше да се одигра на 21 ноември во 13:00 часот, е преместен за 19:00 часот.