Сојузот на професионални фудбалери ФИФПро во понеделникот објави дека ќе се спротивстави на мерките како исклучување на играчите од репрезентациите, чии клубови најавија учество во Европската Суперлига.
Најавата за создавање на Суперлига, што се случи ноќта помеѓу недела и понеделник, „ги остава играчите со многу грижи и прашања“, се вели во соопштението на ФИФПро.
ФИФПро изрази жалење што играчите „се користат како сопственост и како моќ во овие преговори“.
ФИФПро исто така предупреди дека „енергично ќе се спротивстави на мерките од обете страни кои можат да ги нарушат правата на играчите, како што е нивното исклучување од националните тимови“.
претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во понеделникот по состанокот на Извршниот одбор на фудбалската организација изјави дека Суперлигата е „срамен предлог“ на неколку клубови „предводена од алчност“ и посочи дека играчите на тие клубови нема да можат да играат за своите репрезентации на Европските и Светските првенства.