Филипче бара јасен план за евроинтеграции од Владата: Треба да знаеме кој е планот и временската рамка

од Илинка Илиоска
15 прегледи

Нека каже премиерот кој е планот за евроинтегративниот пат на државата, кои европските држави го поддржуваат тој план и ако тој план ги подобрува нашите преговарачки позиции, ние ќе го поддржиме, но прашање е до кога ќе чекаме. Треба да знаеме кој е планот и временската рамка по ова прашање, изјави вечерва лидерот на СДСМ Венко Филипче.

– Доколку има механизам за нашата позиција за преговори да се подобри, ние сме тука да дадеме поддршка, меѓутоа сега сме заглавени, не се оди по патот што го потврдиле сите земји членки на ЕУ со Преговарачката рамка. Сега се одвоивме од Албанија и така заглавени, Владата треба да каже кој е планот и дали воопшто имаат план. Премиерот најавува дека имаме поддршка од некои земји за да ја подобриме преговарачката позиција, односно некое одложено дејство на уставните измени, но министерот Муртезани го демантираше во тоа. Затоа инициравме собраниска седница бидејќи Собранието е местото каде се дискутираат такви работи и се носат одлуки како понатаму, рече Филипче во вечерашното гостување во дневникот на телевизија „Сител“.

За предлогот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи да се донесат уставните измени, но со клаузула дека нема да важат доколку Бугарија во наредните пет години продолжува да го блокира нашето членство во ЕУ, Филипче вели дека вреди да се разгледа овој предлог.

Во однос на одлуката на Уставниот суд за укинувањето на балансерот и најавите за носење на закон за правична застапеност, Филипче вели дека ќе поддржат јавна дебата и ќе дадат свој придонес бидејќи процесот на носење на едно вакво законско решение треба да биде што поиклузивен. Она што не треба да дозволиме, вели Филипче, е ваков закон да се прави во партиски штаб на Влен. Обвини дека сега се случува партизација во институциите и дека се деградираат професионалци кои со години си ја работеле работата.

Според Филипче, граѓаните во пресрет на зимата повторно ќе се соочат со ценовни шокови и помалку пари во семејниот буџет.

Слични содржини