Филипче до Мицкоски: Која држава ќе ја претставува во Вашингтон – Северна Македонија или никогаш Северна само Македонија?

од Nikola Popovski
69 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го критикуваше однесувањето на Владата во однос на почитувањето на Преспанскиот договор и употребата на уставното име. За премиерот Христијан Мицкоски, вели дека „жолчно работеше против членството во Алијансата“.

-Лицемерието на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски достигнува неверојатни граници. Тој заборави да каже во видеото која земја ќе ја претставуваат со Тошкоски, Мисајловски и Муцунски во Вашингтон, Северна Македонија или како што им ги подгреваа очекувањата на граѓаните – никогаш Северна само Македонија?, посочува меѓу другото Филипче во објава на социјалните мрежи.

Мицкоски, додава лидерот на СДСМ, да не заборава дека тоа што денес е на најважниот политички настан во светот, а не во некој од месните штабови на ВМРО-ДПМНЕ е благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ, кој тој ги бојкотираше,

-Не е далеку денот кога и целосно ќе се накити со перјата во надворешната политика, исто како што тоа го прави со инвестициите кои помпезно ги најавува, а се плод на работата на СДСМ. Јавноста знае дека СДСМ беше и ќе остане мотор на развојот. СДСМ е партијата која ги реализира визијата и стратегијата на државата, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане опортунистичка партија која ќе кочи се што е во интерес на граѓаните заради тесно политички интерес, стои во реакцијата на Филипче.

Претседателот на Владата вчера се обрати од Вашингтон, каде ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО.

-Ќе најавам уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите 500-тини компании овде во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија. Би сакал исто така да напоменам дека последните денови во Њујорк ќе ги искористам за средба со македонската дијаспора, македонските исселеници, рече меѓу другото Мицкоски.

Од Владата потврдија низа состаноци со шефови на држави или влади. Мицкоски ќе присуствува на состаноците на северноатлантскиот совет, како и на вечера во Белата куќа.

Во најава е и можна средба на Мицкоски со грчкиот премиер Мицотакис, откако Атина најави дека ќе го отвори прашањето за почитување на Договорот од Преспа од македонската Влада.

На маса на Самитот во Вашингтон се неколку клучни теми: одбрана и безбедноста на Алијанасата, политиката на одвраќање, долгорочната поддршка за Украина и глобалните партнерства на Сојузот. Алијансата одбележува 75 години постоење.

Слични содржини